Заради претстојното невреме училиштата ширум јужна Италија се затвараат како дел од меркитеза претпазливост кои стапија на сила во средата.
Градоначалникот на Наполи, Гаетано Манфреди, одлучи да ги затвори и повеќето од гробиштата и парковите заради опасност на рушење на стебла и паѓање на гранки, се наведува во наредбата од градските власти.
Училиштата на популарниот остров Исчиа во Наполитанскиот залив ќе останат затворени до одминување на невремето, објави градоначалникот Енцо Ферандињо.
Цивилната заштита го подигна нивото на опасност од непогоди за јужната италијанска покраина Кампанија.
Пожарникарите на Сардинија излегоа 50 пати на терен на западниот брег на островот заради надоаѓањето на бурата во последните 12 часа.
Регионот Ористано на Сардинија исто така е погодена од поплави. Властите предупредуваат и за можна поплава во Венеција, овие денови. Се очекува дека градот ќе го активира својот систем за заштита од поплави уште оваа вечер.
Системот за заштита од поплави „Мојсие“ е наменет за заштита на Венеција од удари од бури. Сочинет е од 78 бариери кои градот може да ги подигне на три влеза и во функција е од 2020 година.
Проектот вреден милијарда долари е контроверзен: корупцијата, бирократијата, како и политичките и економските интереси долго ја одложуваа неговата изградба.
Експертите велат дека е можно од 2075 година системот да мора да биде активен во текот на целата година ако климатските промени, а со тоа и порастот на нивото на морето, не подзапрат.