Претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова смета дека веројатно, разговорот за почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде одложен за наесен.
„На премиерот му требаше ветување за почеток на преговори во функција на изборите, а не во функција на градење независно судство во Република Македонија. Тоа е македонската реалност, но и сериозната порака да се зафатиме со реформи. Премиерот и луѓето околу него беа уверени дека склучувањето на Преспанскиот договор е доволно да се употреби и да се злоупотреби како алиби во барањето почеток за преговори. Јас сум уверена дека тоа не е доволно, затоа јас, односно ние, се повикуваме на владеењето на правото и на правдата, оти без тој услов нема ниту почеток на преговори, ниту европеизација, рече Силјаноска-Давкова која денеска беше на средба со граѓаните во Прилеп.
Според неа, одлуката на Заев да не биде повеќе претседател на Советот за судски реформи е задоцнета.
„Јас со месеци укажував дека ако на чело на т.н. тело за судски реформи стои премиерот реформите нема да стигнат. Зошто самиот тој чин претседателствување со стручно тело од страна на првиот човек на Владата е голем доказ за политизиран и за партизирано судство. Се разбира моите зборови не предизвикаа никаква реакција или акција, но чинам дека она што јас го зборував му беше кажано на премиерот во Берлин. Најверојатно и од господинот Макрон и од госпоѓата Меркел.
Зошто кога се врати дома рече дека нема повеќе да биде претседател на телото за судски реформи. Чинам дека е тоа задоцнета одлука, истакна Силјановска-Давкова.
На Заев во Берлин, оцени, му укажале дека еден од најголемите проблеми во земјава е отсуството на независно судство.
„Како да го наречам моментот или денот, можеби постберлински момент.
Сите од Берлин, вклучувајќи ме и мене очекувавме добар глас. Но, се чини најдобриот глас требаше да дојде или сакаше да го донесе премиерот Заев. Но, што заборави, дека она што му беше соопштено во Берлин не е случајно, туку дека беше веќе донесена одлука, ние во Македонија одамна знаеме, чуствуваме дека еден од најголемите проблеми е отсуството на независно судство или недостатокот на реформи во судството, истакна Силјановска-Давкова.







