Фудбалерите на Манчестер сити го победија на гости Манчестер јунајтед со 2:1 во дербито на 16 коло во Премиер лигата.
Сити со денешната победа на стадионот „Олд Трафорд“ му се оддалечи на градскиот ривал 11 бодови и така пред половина од шампионатот дојде многу блиску до титулата.
На екипата на пеп Гвардиола ова и беше 14 последователна победа во лигата, што на ниеден тим до сега не му пошло од рака.
Најголем трагичар на денешното дерби беше Ромелу Лукаку, затоа што Сити два пати постигнуваше гол после неговите лоши интервенции во сопствениот петерец.
„Граѓаните“ до предност дојдоа во 43 минута со голот на Давид Силва, кој добро реагираше после одбиената топка по лошата интервенција на Лукаку којшто не успеа со глава да ја исфрли топката по корнерот.
Јунајтед не успеваше посериозно да му се закани на Едерсон во првото полувреме, но сепак во судиското надополнување на времето после грешката на Отаменди и Фабијан Делфо, Маркус Рашфорд добро шутираше и го совлада голманот на Сити.
Почетокот на второто полувреме исто така им припадна на гостите кои до нова предност дојдоа во 54 минута. Овој пат Николас Отаменди ја собра топката по лошото исфрлување на Лукаку и го совлада немоќниот Де Хеа.
Јунајтед во продолжението се обидуваше да дојде до изедначување, но во тоа не успеа, пред се благодарејќи на добрите одбрани на Едерсон во 85 минута. Тој прво го запре ударот на Лукаку по додавањето на Антоан Марсијал од левата страна, а потоа и рефлексно го одбрани ударот на Хуан Мата.







