Иранската спортистка Елназ Рекаби (33), која се најде на насловните страници затоа што одби да носи „хиџаб“ додека ја претставуваше својата земја на азиското првенство во спортско качување во Сеул во неделата, наводно исчезнала.
Извори блиски до Рекаби за Би-Би-Си изјавиле дека од понеделникот вечерта не можат да стапат во контакт со неа, пренесува британски „Телеграф“.
Рекаби заврши на четврта на првенството, а нејзината пркосна изјава дека нема да носи шамија беше емитувана ширум светот.
Оваа информација доаѓа во време на протести кои продолжуваат да го потресуваат Иран по смртта на Махса Амини во полициски притвор. Оваа 22-годишна девојка беше уапсена затоа што, наводно, не ја носела правилно шамијата во согласност со исламскиот закон.
Рекаби и другите ирански спортисти го напуштија хотелот „Гарден Сеул“ во понеделник наутро и во среда треба да се вратат во Иран.
Меѓутоа, Би-Би-Си Персија, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека на Рекаби и ги одземале пасошот и мобилниот телефон. Техеран не ја коментираше оваа информација.
Демонстрациите по смртта на Махса Амини се претворија во големо антивладино движење, претставувајќи за иранското раководство еден од најголемите предизвици од соборувањето на Шахот во 1979 година.
Според норвешката група Иран Хјуман Рајтс, најмалку 122 лица се убиени во „одговорот“ на државата на протестите.







