Русија се обидува да закрепне од минатогодишното координирано протерување на шпиони кои работеле во нејзините дипломатски претставништва низ Европа, пишува „Политико“.
Има се повеќе докази дека Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација (СВР) и Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација (ГРУ) забрзано работат на обнова на шпионска мрежа која би ја информирала Москва за сите информации и движења поврзани за воената помош што Западот ја испраќа до Киев.
Откако рускиот претседател Владимир Путин на крајот на февруари минатата година нареди инвазија на Украина, повеќе од 400 недекларирани руски разузнавачи беа протерани од Франција, Белгија, Германија и други европски земји.
Финската безбедносна разузнавачка служба (СУПО) минатиот четврток соопшти дека нордиските земји исто така протерале голем број руски разузнавачи и им одбиле визи на нивните замени.
„Руската разузнавачка канцеларија во Финска се намали за половина“, изјави директорот на СУПО, Анти Пелтари, додавајќи дека Русија поради падот на бројот на разузнавачите ќе мора да се сврти кон други методи за собирање информации.
Шпионите кои се криеја по руските амбасади во Европа активно регрутирале локални жители, ги претворале во „кртови“ и на другите шпиони им помагале да извршат операции како што беше труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Дариус Јаунишкис, директор на литванското Биро за државна безбедност, изјави за „Политико“ дека руските разузнавачки служби сакаат да ги обноват старите и да создадат нови шпионски ќелии.
Додаде и дека руските шпиони во сајбер-просторот станале поактивни и дека се потпираат на нетрадиционални методи за прикривање на нивните идентитети.
Јаунишкис тврди дека Русите сакаат да бидат информирани за европската инфраструктура и дека сакаат да знаат сè за производството и испраќањето на воена помош за Украина.
„Секогаш кога Литванците одат во Русија и Белорусија, разузнавачите ги врбуваат“, рече Јаунишкис.
Литванските разузнавачки агенции забележаа и дека белоруските разузнавачи стапуваат во контакт со белоруската дијаспора, па дури и со белоруските опозициски организации, и се обидуваат да ги поткопаат нивните активности и да регрутираат нивни членови.
Јаунишкис истакна дека Литванија има докази оти руските разузнавачи им пристапуваат на белоруските опозициски организации.
Полска пред неколку недели објави дека нејзините контраразузнавачи разоткриле шпионска организација која работела за руските разузнавачки служби.
Тие шпиони поставувале камери на важни железнички коридори што ги користи Западот за испорака на оружје и муниција во Украина.
Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, сугерираше дека овие шпиони во Полска влегле од Белорусија и дека меѓу нив има и Белоруси.Полскиот министер за внатрешни работи, Мариуш Камински, пак, изјави дека осомничените имале база недалеку од воениот аеродром Жешов-Јасионка и дека сакале да ја „парализираат испораката на опрема, оружје и помош за Украина“.
Јаунишкис рече дека руската армија постојано собира информации за литванската воена и цивилна инфраструктура.
„По примерот на Украина можеме да видиме како таквите информации може да се искористат за напад на цивилна инфраструктура“, рече директорот на литванската служба за државна безбедност.
Европските разузнавачи се сомневаат дека руски агенти учествувале во сечењето на каблите што возовите во северна Германија ги користат за комуникација и на подводните кабли кои служат за снабдување со електрична енергија на еден дански остров.
Норвешка и Литванија забележале сомнителни беспилотни летала како се движат околу нивните аеродроми и енергетската инфраструктура.
Некои водечки европски разузнавачи стравуваат дека Русија ќе ги активира своите спијачи, „илегалци“ кои живеат на Запад и се „обични граѓани“.
Од почетокот на војната во Украина, Бугарија, Словачка, Албанија, Холандија, Германија, Шведска и Норвешка уапсија руски агенти и „кртови“.
Двајца Руси и еден Украинец беа уапсени минатата година кога се обиделе да влезат во албански воен комплекс и да направат неколку фотографии, а Бугарите уапсија резервист од секторот за одбрана, кој испраќал воени тајни во Русија од 2016 година.
Словачка го уапси резервистот Павел Бучик, кој минатата година на Русија и испратил информации за словачките и украинските одбранбени сили и за нив добил најмалку 46.000 евра.
Со него соработувал Бохуш Гарбар, новинар на проруски медиум, кој бил задолжен за потрага по поединци со симпатии кон Русија.
Поранешниот унгарски европратеник Бела Ковач, член на десничарската партија Јобик, кој моментално се наоѓа во Москва, осуден е на казна затвор од пет години за шпионирање за Русија.
И покрај тоа, повеќе земји ја гледаат Будимпешта како кочничар за напорите на европските контраразузнавачи насочени против Москва. Имено, унгарскиот премиер, Виктор Орбан, и дозволи на Меѓународната инвестициска банка од Москва да се пресели во Будимпешта.
Меѓу членките на Меѓународната инвестициска банка моментно се наоѓаат Бугарија, Романија, Куба, Монголија, Виетнам, Унгарија и Русија. Романија најави дека ќе ја напушти на 9 јуни 2023 година, а Бугарија на 15 август 2023 година.
Унгарските опозициски политичари и поранешни разузнавачи и западни безбедносни функционери тврдат дека Русија го користи седиштето на банката во Будимпешта како шпионска база. Вработените и консултантите уживаат дипломатски имунитет и имаат визи кои им овозможуваат слободно да се движат во Шенген зоната.
Споменатите апсења се доказ дека Русија сака да собира информации за европските одбранбени структури и воените планови на НАТО и да регрутира нови шпиони.
Апсењата се и доказ дека западните безбедносни служби знаат што сака да направи Москва. Според Политико, сега не е време за опуштање.
(Фото: Илустрација / „Гети Имиџис“)







