Силна зимска бура го погоди северниот дел на европскиот континент за време на викендот, при што загинаа најмалку четири лица.
Бурата „Малик“ донесе силни налети на ветер, поројни дождови и снежни врнежи во Германија, Данска, Финска, Норвешка и Шведска.
Невремето пристигна во нордиските земји и северна Германија доцна во саботата, откако предизвика голема материјална штета и колапс во сообраќајот во Велика Британија, посебно во Шкотска.
Во Шкотска момче и 60-годишна жена настрадаа во саботата откако поради силниот ветер на нив се срушија дрва.
Во Данска, во саботата, силниот ветер проследен со дожд доведе до привремено затворање на неколку мостови, вклучувајќи го и клучниот патен и железнички мост „Ересунд“, кој ги поврзува Копенхаген и шведскиот град Малме.
Данските медиуми јавија дека 78-годишна жена починала од тешки повреди по пад од силниот ветер.
Во Германија, пак, маж загинал откако го удрил билборд кој попуштил поради невремето.
Поплавите во многу делови на Данска предизвикаа значителна материјална штета.