Американскиот „свиркач“, Едвард Сноуден, се брани од критиките за неговиот избор да прифати руско државјанство.
„Во Русија сум затоа што Белата куќа намерно ми го поништи пасошот за да ме задржи овде“, напиша Сноуден на Твитер.
„Го принудија на слетување дипломатскиот авион на претседателот на Боливија за да ме спречат да ја напуштам земјата и до ден денес продолжија да ја попречуваат мојата слобода на движење“, се наведува во објавата.
Сноуден алудираше на инцидентот од 2013 година кога авионот на боливискиот претседател, по полетувањето од Русија, беше присилно приземјен во Австрија затоа што му беше ускратено правото на прелет над останатите европски држави. Постоеја шпекулации дека во авионот е „свиркачот“.
„Рускиот претседател Владимир Путин во септември на Сноуден му додели руско државјанство, а оваа недела тој доби и руски пасош“, изјави неговиот адвокат, Анатолиј Кучерена.
Америка сака Сноуден да биде екстрадиран затоа што во 2013 година тој на новинарите им дал документи за шпионските активности на американската Агенција за национална безбедност и нејзиниот британски пандан, Националната разузнавачка, безбедносна и сајбер агенција.
Овој 39-годишник во повеќе наврати изјави дека барањето за азил во Русија го поднел од потреба, со оглед на тоа дека во други земји му се заканува „испорака“ во САД.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, изјави дека Сноуден одамна ја сигнализирал својата лојалност кон Русија и дека руското државјанство дополнително ќе ја потврди таквата позиција. Сноуден е дециден дека нема намера да соработува со руските власти.
Вели дека одлуката да поднесе барање за државјанство ја донел откако во Русија му се роди синот, а со добивањето државјанство и двајцата имаат еднакви права.
Синот роден во 2020 година автоматски доби руско државјанство.
(Фото: АП)







