Со 68 гласа „за“ пратениците ја донесоа одлуката за распишување референдум за името, што ќе се одржи на 30 септември. Референдумот ќе биде консултативен, а референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
Иницијативата беше поднесена од пратениците од СДСМ, ДУИ и од Беса.
„Заев и парламентарното мнозинство повикуваат да ги поддржиме, а процесот го тераат без консултации со опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, но ова покажува дека референдумот ќе се толкува како сакаат, бидејќи во член 1 се предлага консултативен референдум. Дали ако референдумот не е успешен без исполнет цензус, а мнозинството граѓани гласале „за“, може да се толкува како успешен и институциите да продолжат со имплементација на договорот. Мое мислење е дека тоа е целта“, рече Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев ја повика опозицијата сите заедно да придонесат за иднината на Македонија со поддршка на одлуката за референдум.
„Пред нас е историска одлука која ќе обезбеди иднина за нашите деца како што посакувале претходните генерации. Созадаваме услови за европска држава која рамноправно ќе учествува во креирање на светските политики“, рече Тунтев.
Во текот на расправата, поддршка за предлог-одлуката упатија Реџеп Мемеди од Движењето Беса и Џеват Адеми од ДУИ.







