Договорот за добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија денеска ќе се најде пред пратениците во Собрание. Со ратификувањето во Собрание, договорот стапува на сила веднаш. На дневен ред ќе биде и презентирањето на програмата и приоритетите за работата на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, што ќе ги презентира бугарскиот амбасадор во Македонија, Иван Великов Петков.
Освен обраќањата на претседателот на комисијата Артан Груби и амбасадорот Иван Великов Петков, ќе се обратат и заменик премиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствува во Собранието. Тие договорот го оценија како штетен за националните интереси на Македонија.
Договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија кој се подготвуваше неколку години, премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа во Скопје на 1 август минатата година.
Договорот беше ратификуван во Собранието на Бугарија во ноември минатата година, додека во сила ќе стапи откако ќе се ратификува и од страна на македонското Собрание.







