341 милион луѓе во 20 од вкупно 27 земји на Европската унија веќе 25 години плаќаат во евра, а Европската централна банка сега забрзано подготвува дигитална верзија.
Заменик-гувернерот на Банката на Словенија, Марко Пахор, објаснува дека фазата на истражување завршува во октомври, по што ќе следи фазата на подготовка, а во меѓувреме сите земји-членки на еврозоната мораат да дадат зелено светло за заедничка дигитална валута.
„Се очекува дека тоа ќе биде прифатено во подготвителната фаза. Потоа ќе се оди на развој на сите потребни системи, прво поограничени, а потоа сè поопсежни тестирања“, објаснува Пахор.
„Одлуката е логична“, додава вицегувернерот.
Европската комисија пред неколку дена предложи правен основ, сега Европската централна банка мора да се погрижи за сите технички детали. Според најоптимистичкото сценарио, првите набавки со евра би можеле дигитално да се направат за три години.
Пред седум години, речиси 80 отсто од сите трансакции во евро-земјите беа направени во готовина, лани беше нешто помалку од 60, и затоа желбата на ЕЦБ е да се направи производ доволно добар за да биде навистина привлечен за жителите, трговците, посредници.
„Дигиталното евро е приближно иста промена како кога добивме книжни пари наместо само монети“, сликовито го објасни Пахор сложениот и технолошки тежок план.
„После воведувањето на дигиталните евра, ќе се користи и евроготовина.
Исто како што банкнотите не ги заменија целосно монетите, дигиталната валута нема целосно да ја замени готовината“, вели Пахор.
Вредноста на дигиталното евро ќе биде иста како и на класичното, со тоа што дигиталните евра најверојатно ќе се чуваат во дигитален паричник на електронски уреди.
Секој корисник ќе префрли евра од својата сметка во својот дигитален паричник. Се уште не е јасно колку ќе можат да имаат. Најверојатно ќе се примени некоја врста на ограничување.







