Американскиот претседател, Џо Бајден, го покани украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на средба во Белата куќа утре, 12 декември, објави вчера Белата куќа.
Од Белата куќа соопштија дека двајцата претседатели ќе разговараат за „итните потреби“ на Украина во војната против Русија.
Зеленски ќе допатува во Вашингтон денеска доцна навечер, објави неговиот кабинет на Телеграм, додавајќи дека за време на работната посета ќе се сретне со претседателот Бајден и ќе има „низа состаноци и разговори“.
Клучните теми ќе бидат одбранбената соработка меѓу САД и Украина, „особено во заедничките проекти за производство на оружје и системи за противвоздушна одбрана и координација на напорите на двете земји за наредната година“, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.







