Претседателот на НСДП, Тито Петковски вечерва изјави дека на Македонија не и се потребни вонредни парламентрани избори.
Рече дека ако има избори, ќе влеземе во турбуленции, а реформите ќе бидат во застој и никој не гарантира дека потоа ќе имаме стабилна Влада.
„Мислам дека е добро што се зголемува парламентарното мнозинство за уште 4 пратеници“
Тито Петковски
Тој вели дека депак ќе остане горчина дека Алтернативците барале премногу, повеќе отколку што заслужуваат.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, пак, вели дека има спорни точки во она што го договориле премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Трајанов во изјава за „Сител“ напомена:
„Договорот меѓу Зоран Заев и Африм Гаши има спорни точки, особено спорен е оној дел што се однесува на некаква меѓународна експертиза за тешки судски случаи.“
Тоа, според лидерот на Демократскиот сојуз, не можело да биде предмет на договор.
„Диво Насеље е класичен терористички акт во кој осумина припадници на полицијата загинаа, случај кога беше загрозен територијалниот интегритет на нашата држава и за тоа не може да се бара помош од странство. И за случајот Монструм имавме повторено судење“, смета првиот човек на ДС.