Џо Бајден во вторникот во Белата куќа го прими израелскиот колега Исак Херцог, пофалувајќи ги „нераскинливите“ врски со Израел и покрај напнатоста со владата на Бенјамин Нетанјаху, поради неговата контроверзна судска реформа.
Израелскиот претседател, чија должност е претежно протоколарна, беше примен во Овалната соба, каде што истакна дека дошол да изрази „признание и благодарност од сите страни на политичката сцена“, а американскиот претседател некои членови на израелската влада ги нарече „екстремисти“.
Истовремено, тој ја спомена „жестоката дебата“ која се води во неговата земја, осврнувајќи се на спорната правосудна реформа, порачувајќи пред новинарите: „Дозволете ми, јасно, навистина јасно, да повторам дека израелската демократија е здрава, силна и отпорна“.
Херцог, кого американскиот претседател еднаш веќе го прими во октомври 2022 година, е во дводневна посета на Вашингтон и денеска треба да се обрати пред двата дома на Конгресот, кои ќе одржат пленарна седница.
Односите меѓу САД и Израел се влошија по враќањето на Бенјамин Нетанјаху на власт во декември, благодарение на коалицијата со ултраортодоксни и со екстремно десничарски партии.
Како знак на добра волја за попуштање на напнатоста, американскиот претседател во понеделникот се согласи да го прими израелскиот премиер во САД до крајот на годината, но Белата куќа не сакаше да открие кога и каде ќе биде тоа.
Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека одлуката на Бајден да биде домаќин на Нетанјаху не значи дека „не сме загрижени за реформите во правосудството и екстремистичкото однесување на некои членови на владата на Нетанјаху“.
„Таа загриженост е и понатаму силна. Тоа не вознемирува“, рече Кирби.
(Фото: АФП)







