На северот на Косово почна примената на договорот меѓу Београд и Приштина за регистерските таблички, со кој на крајот на минатата недела во Брисел со посредство на посебниот пратеник на Европската унија, Мирослав Лајчак, беше решена тринаесетдневната блоката на граничните премини.
Специјалните единици на косовската полиција (РОСА) се повлекоа од граничните премини Јариње и Брњак во саботата во 16 часот, ги заменија меѓународни трупи (КФОР) и ја засилија контролата, а локалните Срби ги тргнаа барикадите, па прометот од вчераутро постепено се нормализира.
„Следните две недели КФОР ќе задржи времено, силно и агилно присуство во тоа подрачје како потпора на примената на неодамнешниот ангажман во деескалацијата на северот на Косово“, соопштија од седиштето на меѓународните сили.
Привремените регистерски таблички за возилата од Србија со ознака РКС, на кои инсистираше Приштина како реципрочна мерка, заменети се со налепници кои возачите се должни под надзор на полицијата да ги стават преку симболите, грбот и натписот „СРБ“, на табличките.
Прометот е забавен, а колоната на преминот Јариње е долга и по еден километар, затоа што процедурата со налепниците трае приближно една минута за секое возило, јавува Радиотелевизија Србија.
Налепниците ги издаваат полициите од двете страни, а процедурата и примената на мерките ги надгледуваат претставници на мисијата на Европската унија, ЕУЛЕКС.
Трајно решение на проблемот со регистерските таблички, како што се обврзаа двете страни во Брисел, треба да биде постигнато во рок од шест месеци.
После прогласувањето на независноста на Косово во февруари 2008 година, која Србија не ја признава и го оспорува приемот во Обединетите нации и меѓународните институции, Белград и Приштина под покровителство на Европската унија во април 2013 година постигнаа договор за нормализирање на односите, чија примена ја следат постојани спорови од двете страни.
(Фото: ЕПА)