ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи актуелниот градоначалник и независен кандидат за Куманово, Максим Димитриевски во вториот круг на изборите, откако нивниот кандидат, Тони Михајловски, не обезбеди доволна поддршка.
Одлуката е донесена на седница на Извршниот комитет на партијата во Охрид на којшто е одлучено, во вториот круг од локалните избори, онаму каде што немаат свој кандидат, да ги поддржат оние кандидати кои се борат против власта.
„ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална. Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“, изјави потпретседателот на партијата, Александар Николоски.