Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денес покажа како изгледа службеното возило марка „мерцедес“, набавено за 580 илјади евра, кое се споменуваше во „бомбите“ на СДСМ, во разговор меѓу тогашната министерка Гордана Јанкуловска и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Медиумите за прв пат имаа можност возилото да го видат одблизу.
Забележливо е дека не е добро зачувано, односно дека надворешно има одредени оштетувања.
Спасовски изјави дека зборот е збор и дека јавноста треба да види како се луксузирала претходната гарнитура, колку и како е оштетено возилото.
„Автомобилот кој чини 600 илјади евра е купен во време кога луѓето немаат за јадење, а полицијата нема униформи и основни услови за работа“, рече министерот Спасовски.
На брифингот со новинарите, тој истакна дека владиното возило вредно над половина милион евра има поминато 57 илјади километри, а најчеста релација му била од Скопје до Пробиштип, односно до оваа десетинација се патувало 4-5 пати месечно.
Дополнително, Спасовски посочи дека гумите треба да се менуваат на 15 илјади километри, а бидејќи тие се отпорни на огнено оружје, четири гуми чинат над 20.000 евра..
„Мерцедесот“, според прислушкуваните разговори, бил наменет и користен за екс-премиерот Груевски.
Премиерот Зоран Заев, пред неколку дена на прес конференција објави дека луксузниот „мерцедес“ е оштетен надворешно и дека ќе се користи само за пречек на странски делегации кои ќе ја посетуваат земјава.









