Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел.
На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Македонија да остане посветена на градењето партнерство со САД, како стратешки сојузник и голем поддржувач на Македонија од нејзиното осамостојување до денес.
По средбата, премиерот Заев и американскиот Помошник државен секретар за Европа и Евроазија Мичел одржаа заедничка прес-конференција на која што ги потврдија заложбите за понатамошно интензивирање на соработката со цел остварување напредок на Република Македонија во евро-атлантските интеграции.
„Нагласив дека Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество, но и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека го информирал господинот Мичел за исчекорите на Македонија и земјите од Западниот Балкан, за надминување на застарените стереотипи и политики и за јасната определба за воспоставување односи на пријателство и соработка од интерес на граѓаните и во име на иднината на регионот.
Истовремено, премиерот Заев оцени дека во објавената Стратегија за проширување на ЕУ, со земјите од Западен Балкан, се истакнува дека Република Македонија направи значителен напредок на нејзиниот европски пат, додавајќи дека очекува во април, Европската комисија заедно со извештајот за РМ, да даде чиста препорака за почеток на преговорите, а Советот на ЕУ, во јуни, да донесе одлука за отпочнување на преговорите.
„Временски и стратешки, ова се совпаѓа и со нашата друга главна цел: Република Македонија како 30-та членка на НАТО“. Отворената покана за нашата земја да ја затвориме со полноправно членство во алијансата на самитот на НАТО во јули,“ потенцираше премиерот Заев.







