Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска беше домаќин на делегација на Кралството Шведска предводена од Државниот секретар на министерот за европски прашања и трговија, Оскар Стенстром.
На средбата биле отворени темите за билатералната соработка помеѓу двете земји, евроинтегративниот процес на Македонија, а се разговарало и за поддршката на Кралството Шведска за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, информираат од кабинетот на Османи.
Османи, велат, изразил благодарност за активната улога на Шведска во решението на долгата политичка и институционална криза која ја имаше зафатено земјата, како и за поддршката на евроинтегративниот процес на Република Македонија.
За време на средбата била потврдена посветеноста на Владата целосно и навремено да ги имплементира предвидените реформи од планот 3-6-9, со цел, подготвена да ги дочека клучните датуми за евроинтегративниот процес на земјава.
Османи ги запознал соговорниците со позитивниот исчекор во развојот на добрососедските односи, а на средбата биле отворени и темите за меѓусебната соработка, билатералната помош на Кралството Шведска за нашата земја, за која соговорниците споделиле заемни уверувања и очекувања истата да продолжи и во иднина со несмалено темпо.







