Напади на товарни бродови, принудни обиколки околу Р’тот Добра Надеж, прв потонат брод – јеменските Хути го ставија под притисок цивилното бродарство. Централната команда на САД сега предупредува за можна „еколошка катастрофа“, пишува „Дојче веле“.
Имено, товарниот брод „Рубимар“, кој во средината на февруари беше нападнат од паравоените формации на Хутите, а кој потона на почетокот на март, предизвика нафтена дамка долга 29 километри, соопшти регионална команда одговорна за Блискиот Исток, Источна Африка и Централна Азија.
Нападите на тој начин добија нов „квалитет“.
„Иако конечната проценка на еколошката штета сè уште не е готова, не може да се исклучи фактот дека повеќе од 7.000 барели нафта и 22.000 тони амониум-фосфатно ѓубриво од бродот ќе завршат во водите на океанот“, напиша на „Х“ експертот за поморска безбедност, Иан Ралби.
„Тоа може да има огромни последици, на пример, за постројките за десоленизација кои го снабдуваат целиот регион со вода за пиење. Освен тоа, ако нафтената дамка се прошири, популацијата на риби може да се намали. Ова ќе има огромно влијание и врз локалното рибарство“, рече Ралби во неговиот подкаст „Сина безбедност“ (Blue Security).
Тој предупреди и за можноста брзите морски струи кои постојат во тесниот премин да ја однесат нафтената дамката со километри понатаму.
Германската фрегата „Хесен“, во меѓувреме, е активна во Црвеното Море.
За борба против нападите, Америка во декември, минатата година, формираше меѓународна воена коалиција („Operation Prosperity Guardian“). Како дел од оваа кампања, таму е и германската фрегата „Хесен“.
Но, и покрај целното гранатирање на позициите на Хутите, Алијансата сè уште не успеа во целост да ги запре нивните напади. Веројатно и заради тоа што Хутите не се борат сами.
Зад нив е Иран, кој се обидува да се претстави како заштитна сила за Палестинците во контекст на војната во Газа. Иранското политичко раководство повеќе пати се закануваше.
„Агендата на Хутите е јасно антиамериканска и јасно антиизраелска“, вели Фабијан Хинц, експерт за Блискиот Исток на Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.
„Тоа е изразено идеолошко исламистичко движење кое борбата против Израел ја смета подеднакво важна како и Иран.
На таа основа функционира партнерството меѓу Иран и јеменската милиција“, тврди тој.
Слично гледиште има и експертот за Блискиот Исток, Мајкл Најт, од американскиот тинк-тенк институт „Вашингтон“.
„Хутите и Исламската револуционерна гарда се ‘сродни души’. Затоа на Хутите од Техеран не мора нужно да им се кажува што да прават“, напоменува Најт.
Колкава е поддршката од Техеран стана јасно на крајот на јануари оваа година, кога американските сили пресретнаа пратка со воена помош од Иран за Хутите.
Според соопштението на Централната команда на Соединетите Американски Држави, таа содржела компоненти за балистички ракети со среден дострел, експлозиви, компоненти за беспилотни подводни и површински возила, воена комуникациска и мрежна опрема, делови за противтенковски ракети и друг воен материјал.
„Сегашната активност на Хутите во Црвеното Море и Аденскиот Залив не би била можна без иранска помош“, вели Хинц.
Меѓутоа, штетите не се огромни само за меѓународниот транспорт. Од последиците од нападите трпи и населението на Јемен, кое и онака ги преживува страдањата после повеќегодишната војна. Откако изгледаше дека преговорите што ги водеше Саудиска Арабија – земјата која со години беше на чело на меѓународната коалиција против Хутите – минатата есен доведоа до мир, тие сега се во застој поради нападите врз бродовите, пишува „Дојче веле“.
Како резултат на тоа, Арабијците ја запреа хуманитарната помош што веќе беше ветена.
Зголемените транспортни трошоци предизвикани од нападите, исто така, претставуваат огромен притисок врз Јемен и неговото население.
Земјата е особено чувствителна на вакви збиднувања бидејќи речиси во целост зависи од увозот на храна. Доставувањето на помош е, исто така, ограничено од нападите.
„Затоа ефектите од оваа криза ќе се почувствуваат многу силно во Јемен“, рече Хинц.
„Во тој поглед, нападите врз меѓународните бродови се ризични за Хутите на домашен план. Голем дел од луѓето имено ја отфрлаат нивната идеологија“, смета Хинц.
Сепак, борбата против Израел и понатаму се чувствува кај голем дел од јеменското население.
„Хутите за возврат го користат ова за да се претстават како легитимно движење на отпорот во очите на своите следбеници“, вели Хинц.
Истото ова го гледаат и аналитичарите од Центарот за стратешки студии „Сана“, со седиште во главниот град на Јемен.
„За Хутите, ова е единствена можност да ја искористат широката поддршка за палестинската цел, за запирање на војната со Израел и формирање нивна држава, за да го подобрат својот рејтинг кој е во пад во оние подрачја кои тие ги контролираат, обидувајќи се да му докажат на надворешниот свет дека тие се единствениот фактор и ефективен авторитет во Јемен“, се вели во извештајот од декември минатата година.
„Но, прашање е во која мера зголемувањето на цените на храната долгорочно ќе влијае на антиизраелскиот став кој е раширен во Јемен“, вели политичкиот аналитичар Хинц.
Хутите, како движење, сега може да се гледаат како „еден вид ненуклеарна Северна Кореја“, пишува Најт во својата анализа
„Тие се агресивен, добро вооружен актер, непријателски настроен кон Соединетите Американски Држави, кој е на клучна географска позиција“.
За тоа, дали нивните напади врз меѓународниот бродски превоз, можат да се ограничат, Фабијан Хинц е скептичен. Тоа, истакнува тој, зависи и од развојот на војната во Газа.
„Ми изгледа сосема замисливо Хутите да ги намалат своите масовни напади доколку војната заврши. Сепак, тие најверојатно и понатаму ќе ги сметаат тие напади на цивилниот бродарство како своја основна и примарна опција. Значи, малку е веројатно дека ќе се сменат дури и после евентуалниот крај на нападите на Израел во Газа“, дециден е Хинц.
(Фото: Мохамед Хаваис / АФП)







