Уценувачката група „Килин“ (Qilin), која на крајот на декември 2023 година ја презеде одговорноста за хакерскиот напад врз Електростопанството на Србија, понуди за слободно преземање нешто повеќе од 34 гигабајти документи, кои наводно се „симнати“ за време на нападот врз таа компанија, јавува Радио Слободна Европа.
РСЕ, меѓутоа, не можеше да ја потврди автентичноста на документацијата.
Еден гигабајт содржи околу 10.000 документи, пренесува РСЕ и наведува дека, според оваа пресметка, на „дарк веб“ има околу 340.000 страници различни документи.
„Првиот дел е достапен за преземање, а вториот дел ќе биде достапен на 27 јануари“, се наведува во краткото известување на блогот на оваа група, кој се појави на 18 јануари.
Радио Слободна Европа не може да ја потврди автентичноста на документацијата на страниците на таканареченото „интернет подземје“.
Преземањето документи што се споделени е отежнато поради начинот на кој функционира мрежата „Тор“, преку која е единствено можно преземање, но и поради преоптовареноста на страницата на која се документите.
Електростопанство на Србија и нејзиниот основач, Владата на Србија, до објавувањето на текстот не одговорија на прашањата на РСЕ за бесплатно симнување на стотици илјади документи на дарк нет.
Без конкретен одговор останаа и прашањата испратени до Обвинителството за високотехнолошки криминал, кое ја води истрагата за хакерскиот напад на ЕСС.
„Нема да даваме изјави во текот на преземањето на доказни дејствија за овој предмет до моментот кога нивното објавување нема да влијае или да го загрози нашето понатамошно постапување“, наведуваат од Обвинителството за високотехнолошки криминал.







