„Амазон“ планира да отвори нови магацини и да вработи повеќе работници во Европа и паралелно да вклучи вештачка интелигенција во својата работа за таа да биде поефикасна, најави шефот на одделот за Северна Америка и Европа.
Од 2010 година до сега, „Амазон“ во Европа инвестираше 142 милијарди евра, а во последниве години на рака му одеше и локдаунот што го поттикна купувањето преку Интернет.
„Компанијата во Европа ќе отвори повеќе од 70 центри за испорака“, изјави потпретседателот за глобални операции за Северна Америка и Европа, Стефано Перего. Тој одби да го прецизира точниот број и локацијата на новите складишта.
„Ќе ја следиме побарувачката“, рече Перего.
Проширувањето на магацинската мрежа е составен дел од стратегијата на „Амазон“ за подобрување на ефикасноста со скратување на рутите за испорака и со автоматизирање на центрите за достава.







