Депонијата во Струга од вчера попладне повторно гори. Револтирани стружани ноќеска оставиле ѓубре пред опшинската зграда со цел да им укажат на надлежните дека треба да се преземат мерки за надминување на проблемот и постојан надзор над депонијата за да не дојде до повторно палење.
Густиот чад, којшто синоќа се ширеше од депонијата, ветерот го носеше над градот, што предизвика реакции кај стружани.
Глигорие Ќатоски, претставник од граѓанската иницијатива „Доста“, информира дека доколку надлежнте не ги исполнат нивните барања за дислокација на дивата депонија, која според него, претставува опасност по здравјето на стружани, граѓаните ќе преземат порадикални мерки меѓу кои и блокирање на магистралните патишта, а не е исклучено ниту блокирањето на граничниот премин Ќафасан.
„Потрошивме 100-тици илјади евра да ја изгаснеме и затрупаме депонијата, но не е затворена. Општина Струга на истото место повторно одлага отпад.
На последниот протест предупредувавме дека и ова може да се случи, отпадот да заврши пред општинската зграда“, истакна Ќатоски.
Во името на Иницијативата, но и на сите стружани, тој побара целосна дислокација на депонијата, која не е легална и согласно стандардите.
Доколку остане на истата локација, Ќатоски смета дека и да се конзервира, повторно ќе загадува.






