Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска имаше работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Предраг Митровиќ.
На средбата, како што соопштува Mинистерството за транспорт и врски, се разговарало за актуелните состојби во двете земји, притоа акцентот се ставил на зголемување на економската соработка меѓу Република Македонија и Црна Гора.
Министерот Сугарески го запознал амбасадорот Митровиќ со ифраструктурните проекти што се реализираат во земјава, како и со реформите што се спроведуваат во насока на подобрување на севкупната состојба во државата.
„На средбата разговаравме на теми што се однесуваат на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и се надевам дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период, рекол министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Двајцата соговорници се согласиле за интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи, велат во соопштението од Mинистерството за транспорт и врски.







