Реџеп Тајип Ердоган победи на претседателските избори во Турција.Тесно, како што се очекуваше, по преброените 98,64 отсто од гласовите, досегашниот претседател освои 52,09 отсто, додека неговиот конкурент Кемал Киличдароглу остана на 47,91 отсто.
Гласовите што во првиот круг ги освои Синан Оган, кандидатот на радикалната десница, беа речиси поделени: Ердоган доби 2,57 отсто повеќе од првиот круг, а Киличдароглу 3,03 отсто.
Тоа е интересен распоред, затоа што се очекуваше дека мнозинството од тие гласови ќе му припаднат на актуелниот претседател, кој ќе треба да размисли зошто не извојува поголема победа – причината за тоа не е национализмот, туку поверојатно е економската состојба.
Киличдароглу направи многу, сериозно му се закани на неприкосновениот изборен победник уште од 2002 година, но му недостасуваше уште малку до победата.
„Уште малку“ е, од една страна, неговата религиска припадност, тој е припадник на малцинската исламската деноминација алевии, немаше доволно националистички набој да ги привлече лојалните гласачи на Ердоган, а за неопределените гласачи веројатно клучно беше тоа што немаа доволно доверба во опозициската коалиција што тој ја состави. Во неа имаше шест партии, од радикална десница до либерали, а клучната изборна група, која секогаш носи победа, не доби впечаток дека толку разновидна заедница може да ја гарантира стабилноста на власта.
Тоа посебно се виде на резултатите од парламентарните избори пред две недели, кога партијата на Ердоган, АК (Правда и развој), освои мнозинство во коалицијата со националистите (МХП). Тоа беше моментот кој и „пресуди“ на претседателската трка на Киличдароглу.
Султан, како што западните медиуми со право го нарекуваат турскиот претседател (во Турција, јавноста го нарекува реис), во вториот круг испрати неколку пораки – дека веднаш ќе врати еден милион сириски бегалци и дека Киличдароглу како претседател нема да може да спроведува реформи затоа што има опозициски парламент.
Тоа беше доволно да ја обезбеди победата.
Турција, потврди овој изборен циклус, останува поделена – Киличдароглу очекувано победи во Анкара, Истанбул и Измир, мнозинскиот дел од Курдите на истокот од земјата, но континентот остана неосвоив.
Во конзервативната провинција Коња, „султанот“ освои 72,99% од гласовите.
Киличдароглу има доволно години за да се повлече во „политичка пензија“, а опозицијата мора да најде нови методи, и веројатно нов лидер, за спротивставување на недопирливиот Ердоган.
Предизвикот е мошне брзо, во март следната година се одржуваат локални избори и претседателот, осоколен од победата ќе тргне во безмилосна борба за освојување на Истанбул и Анкара.
Ако Републиканската партија (ЦХП) ги изгуби овие центри (Измир никогаш не ја поддржал АКП), тоа ќе и го отежне политичкото дејствување до следните национални избори кои ќе се одржат за пет години.
Ердоган веројатно нема да ги промени фундаменталните насоки на својата политика, ќе се обиде да ги подобри односите со Сирија за да го реши бегалското прашање, ќе ги продолжи конфликтите со сириските и ирачките Курди, како и со оние домашните кои му го свртеа грбот.
Ќе продолжи да гради добри односи со Русија, ќе сака да биде посредник што ќе донесе мир во Украина и ќе очекува Европа да ја прифати неговата политика на потиснување на човековите права и слободата на медиумите.
Кога станува збор за Кипар, може да се очекува дека ќе продолжи да бара да го реши повеќе деценискиот спор со формирање две држави, и се уште може да се очекуваат искри во односите со Грција поради поморските права.
Новата влада во Анкара ќе продолжи да ги подобрува односите со Египет и Израел, земјите од Заливот.
А, кога е во прашање САД, ситуацијата ќе продолжи да биде сложена поради цврстиот став на Конгресот за извозот на оружје во Турција.
На воен план, земјата ќе остане лојален сојузник на НАТО, но ќе даде приоритет на сопствените стратешки интереси.
На Балканот, Ердоган ќе ја поддржува бошњачката цврста политика во БиХ, ќе го зајакне влијанието во Косово и Албанија, ќе биде кооперативен во односите со Белград за да може непречено да дејствува кон муслиманската заедница во Санџак и ќе ги зголеми инвестициите во Македонија.
Сепак, прашањето над сите прашања е дали султанот/реисот ќе ја смени економската политика. Тешко дека ќе може да отстапи од платформата дека како муслиман нема да ги зголемува каматите, но доколку инфлацијата продолжи да прави пустош (се предвидува нов раст во следниот квартал), не е исклучено да попушти, при што може да се очекува тоа да биде краткорочно заради гаснење на акутната криза.
Веројатно ќе продолжи да бара пари од богатите арапски земји во замена за надворешнополитички услуги, но тоа носи краткорочна придобивка: Саудиска Арабија објави дека повеќе нема да дели пари кој како што ќе посака.
Пред нас се нови пет години власт на Ердоган, кои ќе покажат како се развива авторитарна демократија во која личноста станува помоќна од институциите, а ја засенува и државата. Турција тоа го избра.
(Фото: Агенција Анадолија/АФП)







