Градоначалникот на Ајденбах, град во област Пасау во Германија, Карл Обермаер, почина во понеделникот вечерта од срцев удар откако пристигнал на местото каде што било тешко повредено 9-годишно дете, пренесува „Феникс магазин“.
Според соопштението на полицијата, детето било тешко повредено откако паднало низ прозорец.
Градоначалникот Карл Обермаер (68) побрзал да стигне на местото на настанот како што и секогаш правел кога ќе се случи голема несреќа.
Кога пристигнал констатирал дека детето е тешко повредено, но Брзата помош веќе му помагала и било надвор од животна опасност.
Кога спасувањето на детето завршило, градоначалникот паднал на земја. Починал во возилото на Брза помош на пат кон болницата. Причина за смртта е, како што навеле лекарите, акутен срцев удар.

Политичарот на ЦСУ, Карл Обермаер, беше на функцијата 15 години.
Заменик-градоначалникот на Ајденбах рече дека бил полн со енергија и ентузијазам за акција до самиот крај. За време на својот мандат, дал голем придонес за заедницата, меѓу другото, импресионирал кога му напишал јавно писмо на баварскиот премиер Маркус Седер, барајќи од него да го запре „бирократското лудило“ во неговата сојузна држава.
Но, над се, пишуваат германските медиуми, се одликувал со подготвеноста да им помогне на другите, што го правел до последен момент.
(Фото: Моника Сколимовска / ДПА)







