Твитер вчера ги суспендираше профилите на неколкумина американски новинари кои неодамна пишуваа за неговиот нов сопственик, Илон Маск, а милијардерот одговори со твит дека политиката за приватност важи за сите, вклучително и за новинарите.
Не постојат повеќе профилите на репортерот на „Тајмс“, Рајан Мек, на „Пост“, Дру Харвел, новинарот на Си-Ен-Ен, Дони О’Саливан и новинарот на „Машеблеј“, Мет Бајндер.
Суспендиран е и профилот на независниот новинар Арон Рупар, кој ја следи американската политика.
Портпаролот на „Њујорк тајмс“ оцени дека суспендирањето на профилите на Твитер на голем број истакнати новинари е сомнително и несреќно и дека тие не добиле никакво објаснување зошто тоа се случило.
Од Си-Ен-Ен велат дека суспензиите се вознемирувачки, но не и изненадувачки, заради што побарале објаснување и дека ќе го преиспитаат својот однос со платформата врз основа на одговорот.
Во средата, Твитер, исто така, суспендираше профил кој го следи приватниот авион на Маск во реално време, користејќи податоци достапни во јавниот домен.
Маск се закани со правна постапка против операторот на профилот заради, како што истакна, загрозување на семејството.
Исто така, го суспендираше официјалниот профил на социјалната мрежа „Мастодон“, која се појави како алтернатива на Твитер.
Суспензиите доаѓаат откако Маск повеќе пати вети дека ќе ја поддржи апсолутната слобода на говор на платформата што ја купи за 44 милијарди долари во октомври.
Профилот на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој беше суспендиран од Твитер поради неговите постапки поврзани со опсадата на американскиот Капитол, го направи повторно активен.
Откако отпушти илјадници вработени по преземањето од Маск, Твитер сега работи со значително намален број вработени.
„Во голема мера се потпираме на автоматизација на модерирањето на содржината, укинувајќи одредени рачни прегледи и фаворизирајќи ограничувања за дистрибуција, наместо целосно отстранување на одредени говори“, истакна неодамна новиот шеф на доверба и безбедност, Ела Ирвин, во интервју за Ројтерс.







