Движењето „За заедничка Македонија“ отсега па натаму своите активности ќе ги изразува преку протести, но и преку правна битка, објавија денеска на прес-конеференција Борис Дамовски и Богдан Илиевски.
Протестните маршеви, наведоа лидерите на ова движење, сега ќе ги редуцираат, но ќе се насочат кон добивање на правната битка.
„Битката продолжува, исто како и протестните маршеви моментот кога ќе оцениме дека е потребно да се случат“, изјави Богдан Илиевски.
Дамовски и Илиевски најавија поднесување на иницијатива за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери како нов собраниски претседател.
„На 27 април по прекинување со работа на седницата во 18 часот, без да се закаже нова, без да бидат поканети сите пратеници, без дневен ред, без стручни служби, без генерален секретар, без подготвена одлука, без да се утврди присуство на седницата, без да бидат поканети претставници од други органи и Владата на Република Македонија кои деловнички секогаш се покануваат, без да се образложи предлогот, без да се отвори расправа, без присуство на јавноста на седницата, без задолжителниот пренос на собранискиот канал, без записник и стенографски белешки, без заклетва на пропишан начин, кришум од јавноста, без да биде форирана комисијата која има право да предложи други кандидати, без да им се даде право на други пратеници да предложат сами кандидати и да дебатираат околу нив, тиранските коалициони партнери симулираа избор на нелегален претседател на Собрание“, рече Илиевски.







