Аргентинскиот фудбалер Карлос Тевез потпиша двегодишен договор со кинескиот клуб Шангај Шенхуа.
Како што денес соопштија од клубот, за триесет и двегодишниот Тевез на Бока јуниорс и се платени 11 милиони долари.
Според одделни информации, Тевез за две години ќе добие 40 милиони долари и со тоа ќе стане најплатениот играч во историјата.
Неговиот досегашен клуб Бока јуниорс му посака стеќа:
„Среќно Карлитос. Секогаш ќе бидеш во нашите срца“, се наведува во соопштението на аргентинскиот клуб.
Се очекува дека Тевез на соиграчите ќе им се приклучи следниот месец во Окинава, а дека после тоа и официјално ќе биде претставен.
Сезоната во кинеската Супер лига почнува во март.
Шангај Шенхуа оваа сезона заврши на четвртото место, со 16 бодови заостанување зад шампионот Гвангџоу Евергранде.
Кинеските клубови во изминативе години потрошија многу пари да привлечат познати фудбалери.
Минатата недела Шангај СИПГ го доведе Оскар од Челзи, а во Кина отидоа и Бразилците Хулк, Рамирес и Паулињо, колумбиецот Џексон Мартинез и аргентинскиот напаѓач Езекијел Лавеци.
Освен во Бока јуниорс, 32-годишниот Тевез играше и во Коринтијанс, Вест Хем, Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Јувентус.
За репрезентацијата на Аргентина, со која ја освои златната олимписка медалја во 2004 година во Атина, одигра 76 натпревари и постигна 13 гола.