Пристигнувањата и полетувањата на аеродромот во Катанија, на југот на Италија, се одложени до среда по пожарот што избувна доцна вчеравечер, пишува денеска германската агенција ДПА.
Од „Сак“, компанијата која управува со меѓународниот аеродром „Винченцо Белини“, велат дека летовите ќе бидат прекинати до среда до 14 часот поради „пожар што избувна на аеродромот“.

Компанијата првично соопшти дека летовите ќе бидат одложени до утринава. Пожарникарите, меѓутоа, ситуацијата ја опишаа како „чувствителна и напорна“.
Новинската агенција АНСА извести дека пожарникарите првпат биле повикани на аеродромот на источниот брег на Сицилија вчера околу 23.30 часот.
„Никој не е повреден“, соопштија од аеродромот.

„Им благодариме на пожарникарите, владините тела, кризните тимови и на Заедницата на аеродроми за нивната брза реакција“, објавија од аеродромот на Твитер.
Повеќе од милион патници поминале во мај преку овој аеродром, покажуваат податоците на италијанското аеродромско здружение „Асаеропорти“.







