Поранешниот британски премиер Тони Блер потпиша годинава „непрофитен“ договор со владата на Саудиска Арабија за да направи „програма за промени“ кои ги планира принцот Мухамед бин Салман.
Саудијците го ангажирале Институтот „Тони Блер“ (TBI) за да работи на „модернизација и реформи на регионот, како и на регионалното решение за мировниот процес“, пишува британски „Телеграф“.
Се верува дека институтот на Блер во јануари за оваа работа добил донација од повеќе од 8,5 милиони евра, а сега се уплатени повеќе од десет милиони.
„За да биде се јасно, ова е донација за Институтот „Тони Блер“, а не за Тони Блер лично, и сите пари одат за проекти“, рече портпаролот на Институтот во одбрана на донацијата.
Патем, додаде дека донацијата од Саудијците ќе биде наведена во првиот годишен извештај на Институтот, но и нагласи дека тој „нема обврска да ги објавува информациите за донациите и донаторите“.
Поранешниот премиер го основаше Институтот во 2016 година, откако доби иницијални речиси девет милиони евра.
Канцеларии на Институтот „Тони Блер“ има ширум светот, вклучувајќи и во Обединетите Арапски Емирани, соседот на Саудиска Арабија.







