Топлотен бран вчера го зафати југот на Франција, каде се наоѓаат одредени локации за олимписки натпреварувања, а висока температура и денеска ќе има на подрачјето Париз, каде се одржуваат повеќето настани за време на Олимписките игри (ОИ).
„Во поголемиот дел од југот на земјата температурата би можела да достигне и до 40 степени Целзиусови“, соопшти француската метеоролошка служба.
На југозапад изутрината во 5 часот на метеоролошката станица во градот Бордо температурата изнесувала 24,4 степени.
Бордо е домаќин на женскиот и машкиот олимписки фудбалски турнир, но за денеска нема закажани натпревари.
Во Марсеј, каде се одржува натпреварот во едрење, беше многу топло, а ветер речиси и да отсуствуваше.
Во Париз и неговите блиски предградија, каде што се одржуваат повеќето олимписки настани, температурата ќе достигне 35 Целзиусови степени, а ноќта меѓу вторник и среда ќе изнесува 22 степени, соопшти француската метеоролошка служба.
Француската опсерваторија за следење на загадувањето на воздухот во Париз соопшти дека е лош квалитетот на воздухот во француската престолнина.
Во текот на денот, париските власти поделиле околу 2,5 милиони шишиња вода во јавниот превоз и на гледачите на натпреварите, како и околу 200.000 шешири и лепези.
Олимписките игри, кои почнаа на 26 јули, ќе траат до 11 август.
Фото: МИА







