Најмалку 49 лица, главно мигранти од Централна Америка, загинаа вчераноќ во камионска несреќа во јужната мексиканска држава Чиапас. Ова е една од најтешките сообраќајни несреќи во земјата во последните години.
Несреќата се случила кога голем камион со приколка се превртел на опасна кривина надвор од градот Тукстла Гутиерез, изјави шефот на агенцијата за цивилна заштита во Чиапас, Луис Мануел Гарсија.

Сликите на новинските агенции Ројтерс и АФП од местото на настанот покажуваат превртена бела приколка на својата страна од автопатот додека некои луѓе лежат на церади на земја за медицинска помош. На сликите се прикажани и редови на телата на жртвите од несреќата завиткани во бела ткаенина.
„Меѓу загинатите има мажи, жени и деца“, информираше Гарсија во интервју за телевизијата Миленио.
Тој, патем, додаде дека во несреќата повредени се и 58 лица кои се префрлени во блиските болници. Тројца од нив биле тешко повредени.

Мигрантите кои бегаат од сиромаштијата и насилството во Централна Америка обично патуваат низ Мексико за да стигнат до границата со Соединетите Американски Држави, а понекогаш се набиени во големи камиони организирани од шверцери во исклучително опасни услови.

(Фото: АФП)







