Најмалку 41 лице починаа во женски затвор во Хондурас, изјави вчеравечер портпаролот на тамошното јавно обвинителство, откако во затворот избил бунт.
„Властите работат на идентификување на телата во женскиот казнен дом за 900 лица, одалечен околу 20 километри од главниот град Тегусигалпа“, изјави портпаролот Јури Мора за Ројтерс, известувајќи дека некои починале од изгореници, а други биле застрелани.
Тој рече и дека Владата во моментов не може да ги потврди деталите за настанот.
Делма Ордонез, претседателката на здружението на семејства на затвореници, во изјава за Ројтерс истакна дека во затворот вчера во раните утрински часови избила тепачка меѓу ривалските банди Барио 18 и Мара Салватруча.

Локалните медиуми известуваат дека дошло до немири, објавувајќи фотографии на кои се гледа како црн чад извира од затворската зграда.
Роднините на затвореничките во вторникот побараа информации за нивните најблиски пред затворот.
„Сакам некој да ми каже што и се случило на ќерка ми, но сите молчат, никој ништо не кажува“, изјави една жена за локалната телевизија.
Анонимен извор од државната болница изјави дека седум лица се на лекување од посериозни повреди.
Има историја на смртоносни инциденти во затворите во Хондурас, а во 2018 година наводно биле убиени 18 затвореници во пресметка на банди, а повеќе од 350 луѓе загинале во пожар во 2012 година, пренесува Ројтерс.
(Фото: АФП)







