Стотици Израелци во паника во саботата утрото избегаа од музичкиот фестивал на отворено, на југот на Израел, после нападот на палестинските милитанти, а еден од посетителите го опиша застрашувачкиот момент кога вооружените лица од Хамас упаднале на фестивалот и почнале да пукаат.
Според Дејли Мејл, преплашената Гили Јоскович се криела под дрво што се тресело три часа додека куршуми фиучеле околу неа.
Таа раскажала како младите луѓе, чија ноќ на прославување на крајот на верскиот празник Сукот се претвори во ужас, умирале насекаде околу неа.
Кога вооружените напаѓачи отвориле оган, Гили побегнала за да си го спаси животот и се сокрила под дрво со овошки среде полето каде останала додека не слушнала како луѓето зборуваат на хебрејски. Ја спасиле израелски војници.
„Видов луѓе како умираат наоколу. Бев многу тивка. Не плачев, ништо не правев“, изјавила таа за Би-Би-Си.

Се појавија снимки кои покажуваат дека посетителите на фестивалот изгледа биле несвесни за теророт кој се спуштал врз нив, стотици метри над нивните глави.
На музичкиот фестивал присуствувале најмалку илјада израелски посетители, а некои од нив останале во камп во пустината.
На снимката, направена веднаш по изгрејсонце, се гледа како борците на Хамас успеваат да дојдат во Израел, практички незабележливо, летајќи со параглајдери преку инаку строго чуваната граница.
Неколку моменти подоцна, танцувањето престанува и настанува ужасот.
Гостите на фестивалот биле присилени да бегаат за да си го спасат животот, затоа што вооружените борци на Хамас почнале да пукаат на нив и да киднапираат секој што ќе им се најде на патот.
Луѓето биле опколени, а терористите „од четири до пет места“ пукале во нив.
„Одеа од дрво до дрво и пукаа. Насекаде. Видов луѓе како умираат. Бев многу тивка. Не плачев, ништо не правев. Се слушна дека милитантите на Хамас отворија ‘големото комбе’ за да зграпчат повеќе оружје“, раскажала.
Гили, вели, лежела размислувајќи за своите деца, и дека „уште не е време за умирање“.
Таа тврди дека „најстрашното било тоа што таму биле со часови, без воена помош“.

Очевидци од транс фестивалот во пустината рекле дека Хамас прво истрелал ракети, а после тоа следеле истрели во толпата, по што стотици присутни почнале да бегаат од местото на настанот.
Израелските медиуми јавуваат за над 250 убиени, десетици ранети, и стотици кои се уште се кријат од напаѓачите во пустината.







