Најмалку тринаесет лица го загубија животот во пожар во ноќен клуб во Мурсија, југоисточна Шпанија, денеска утрово, а бројот на жртвите најверојатно ќе расте со оглед на тоа дека полицијата сеуште пребарува низ рушевините.
„Шест нови тела се пронајдени во рушевините на диско клубот. Сега бројот на загинати е 13. Можни се повеќе жртви“, соопштија од итната помош околу 14 часот.
„И пожарникарите продолжуваат да работат на местото на несреќата и не ја исклучуваат можноста за пронаоѓање нови жртви“, додаваат тие.
Во ноќниот клуб била испратена посебна екипа на полицијата за да ги испита околностите под кои се случила несреќата.

„Според првичните информации, пожарот се случил на првиот кат од клубот кој има приземје и кат“, изјави портпаролот на локалната полиција.
Пожарот избувнал околу шест часот наутро, а пожарникарите таму пристигнале околу седум и до осум часот успеале да го изгаснат пожарот.
.@BomberosMurcia, en el interior de la discoteca Teatre de Murcia donde han muerto 6 personas. pic.twitter.com/2HWFF6B3Uz
— Manuel Segura Verdú (@manuelsegura) October 1, 2023
Градоначалникот вели дека извлекувањето на телата е многу комплицирана задача со оглед на тоа дека постои ризик од рушење на остатоците од објектот.
Меѓу повредените има и четири лица, две девојки на возраст од 22 и 25 години и двајца мажи на возраст од 41 и 45 години. Сите вдишиле од чадот.
„Засега наш приоритет е да ги лоцираме телата“ во изгорената зграда во која синоќа се славел роденден“, изјави портпаролот на полицијата, додавајќи дека се уште не се пронајдени сите посетители.
Ангажирани се 12 возила на Итна медицинска помош, 40 пожарникари и дваесетина полицајци.
Актуелниот шпански премиер, Педро Санчез, на социјалната мрежа „Х“ изрази „сочувство и солидарност со жртвите и роднините на настраданите“, а градоначалникот на Мурсија, Хозе Балеста, прогласи тридневна жалост.
Градските власти поставија прифатен центар, како и информативен центар во спортската сала Аталајас, каде роднините на жртвите ќе можат да добијат информации.
(Фото: Твитер)







