Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, реагирајќи на најновиот напад во Лондон, на социјалните мрежи напиша дека интернетот би требало да биде исклучен поради екстремистите.
„Уште еден напад во лондон кој го изведе терористички губитник. Тоа се болни луѓе кои Скотланд Јард ги има во евиденција. Мораме да бидеме поактивни“, се наведува во пораката на претседателот на САД на Твитер.
Трамп, исто така, напиша дека со терористите губитници треба поостро да се пресметува, како и дека интернетот е нивното главно средство за регрутирање на приврзаници и дека затоа тој треба да се исклучи и да се користи на подобар начин.
Електронската направа користена во денешниот инцидент утринава во возот на лондонската метро станица „Персонс грин“, кој полицијата го прогласи за терористички атак, не експлодирала во целост, објави „Сјак њуз“ повикувајќи се на неименувани извори, а пренесе Ројтерс.
Попладнево се очекува да се одржи состанок на Комитетот за итни дејствувања, познат како „Кобра“, кој ќе го води премиерката Тереза Меј, која во соопштението за најава на состанокот наведе дека „мислите и се со повредените и со спасувачките служби, кои уште еднаш брзо и храбро одговорија на терористички инцидент“..
АП пренесува дека лондонската полиција соопшти дека „поголем број“ луѓе се повредени и дека полициските сили задолжени за борба против тероризмот водат истрага.
Очевидец: Луѓите се газеа едни со други
Патник којшто се затекнал во возот на лондонското метро во моментот на експлозијата вели дека огнот зафатил еден вагон и тргнал да се шири, додека патниците бегајќи кон излезот се газеле едни со други.
Очевидецот за Ројтерс наведува дека патниците одеднаш слушнале бучава и виделе пламен како оди кон нив, после што тртгнаа да бегаат кон излезот и да се туркаат и газат, но вели дека слушнал и истрел откако полицијата стигнала на местото на инцидентот.
„Слушнав како нешто бучи. Погледнав нагоре и видов дека вагонот беше опфатен со пламен кој доаѓаше кон мене“, рекол очевидецот и додал дека возот бил полн со патници.










