Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја бара „одлучен одговор“ и порача дека е готова „ерата на стратешко трпение“ со Северна Кореја.
„Ерата на стратешко партнерство со режимот во Северна Кореја е готова… Искрено, нема повеќе трпение“, рече Трамп на заедничката конференција за новинари во градината на Белата куќа со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, кој го повика Трамп да ја посети таа земја.
Според зборовите на Трамп, САД блиску соработуваат со Јужна Кореја и јапонија, како и со партнерите ширум светот по прашањето на низа дипломатски, безбедносни и економски мерки како би се заштитиле нивните сојузници и граѓани од опасноста која ја претставува Северна Кореја, пренесува Ројтерс.
Трамп ја критикуваше владата на Северна Кореја како „безобѕирен и брутален режим“, истакнува АП.
Тој потсети на случајот со американскиот студент Ото Ворнбир, кој почина набрзо откако беше ослободен од Северна Кореја.
Трамп порача дека негова цел се „мир, стабилност и просперитет“ во регионот, но предупреди дека САД секогаш ќе се брани себе и ќе ги брани своите сојузници.
Американскиот претседател го пофали сојузништвото на САД и Јужна Кореја како „камен темелник на мирот и безбедноста во многу, многу опасен дел од светот“.









