Јапонскиот Врховен суд се очекува денеска да донесе одлука за оправданоста на законската клаузула која бара од луѓето кои сакаат службено да го променат полот да се подложат на операција за стерилизација.
Неколку меѓународни тела, вклучително и Европскиот суд за човекови права, Светското професионално здружение за трансродово здравје и експерти на Обединетите нации, рекоа дека таквите барања се дискриминирачки и ги кршат човековите права.
Меѓутоа, некои локални пратеници и групи за правата на жените во социјално-конзервативната Јапонија велат дека пресудата со која се оспорува законот ќе предизвика конфузија и ќе ги поткопа правата на жените.
Јапонскиот Врховен суд отфрли сличен правен предизвик во 2019 година. Сепак, локален семеен суд минатата недела пресуди во корист на маж кој побара законско менување на полот без операција, што групите за права го нарекоа пресвртница.
„За секого, законското признавање на полот е основно човеково право, па оттука обврската да се подложи на стерилизација за да го ужива тоа право е значително кршење на човековите права“, рече Канае Дои, јапонски директор на Хјуман Рајт Воч (Human Rights Watch).
Постојниот закон во Јапонија вели дека луѓето кои сакаат да го променат полот мора да имаат дијагноза за дисфорија и да исполнуваат пет услови.
Тие услови се лицето да има најмалку 18 години, да не е во брак, да нема малолетни деца, да има полови органи кои наликуваат на оние од спротивниот пол, да нема репродуктивни жлезди или тие трајно да ја загубиле својата функцијата.
Случајот, кој ќе го разгледуваат 15 судии, го покрена неименувана тужителка, која е идентификувана само како трансродова жена помлада од 50 години.
Според извештаите на локалните медиуми, нејзините адвокати рекле дека условите го кршат уставното право на нивната клиентка на барање среќа и живот без дискриминација и дека тие за трансродовите лица претставуваат значителна физичка болка и финансиски товар.
Иако многу земји ги укинаа законите кои бараат задолжителна стерилизација за законско менување на полот, правата на трансродовите лица и понатаму остануваат контроверзна тема во Јапонија.
Петицијата која ја организираа седум групи кои поддржуваат стерилизација до вчера собра повеќе од 20.000 потписи.







