Израелската полиција соопшти дека во рамки на истрагата за корупција на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, уапсени се двајца негови блиски соработници – неговиот поранешен портпарол и поранешниот генерален секретар во Министерството за комуникации на Израел.
Поранешниот портпарол Нир Хефец и генералниот секретар Шломо Филбер обвинети се дека ги поддржале одредбите вредни неколку стотици милиони долари, кои би оделе во корист на израелската компанија за телекомуникации „Безек“, а возврат да добијат поповолно претставување на Нетанјаху во медиумите.
Нетанјаху се уште не е осомничен во овој случај, но се очекува дека ќе биде повикан на испрашување.
Во притвор моментно се наоѓаат Шаул Елович, еден од сопствениците на „Безек“, неговата сопруга, синот и други функционери во компанијата.
Пред неколку дена, израелската полиција на државниот јавен обвинител му упати предлог да го обвини Нетанјаху за примање поткуп, затоа што постоеле доволно докази за издржаност на обвинението.