Во Државната изборна комисија со ждрепка беше утврден редоследот на кандидатите на гласачките ливчиња за претстојните локални избори што треба да се одржат на 15 октомври.
Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.
Прва на гласачкото ливче ќе биде СДПМ, втора коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета ДУИ, четврта Коалицијата за Битола – ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта коалицијата Заедно за Гази Баба предводена од БЕСА, шеста НДМ, седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Народно движење на Турците, деветта Алијанса на Албанците, десетта е ТМРО, 11-та е Демократската партија на Турците, ГРОМ е 12-ти, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13-та, БЕСА е 14-та, ДПА е 15-та, Левица е 16-та, ПДП е 17-та, Сојузот на Ромите е 18-ти, а СДСМ е 19-ти.
Листите на кандидати за членови на совети и листите на кандидати за градоначалници што се поднесени од ист подносител ќе имаат ист реден број во сите општини.
Во општината каде што нема свој претставник, соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање празно место.
Според роковникот за локалните избори, најдоцна до 21 септември општинските изборни комисии треба да ги објават листите на кандидати за членови на совети и за градоначалници. Во оние општини во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, покрај на македонскиот и неговото кирилско писмо, се објавуваат и на службениот јазик и писмо што ги употребуваат граѓаните во таа општина.
Вчера заврши и рокот од пет дена до кога политичките партии можеа да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци од избирачкиот список. Избирачкиот список во кој се извршени сите промени, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември. ДИК ги потпишува избирачкиот список и изводите од него најдоцна до 29 септември.
Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври.







