Руското Министерство за надворешни работи објави фотографии од претресот во генералниот конзулат на Русија во Сан Франциско и во Трговското претставништво во Вашингтон на кои се гледа како во тие објекти влегуваат автомобили на ФБИ.
„Соработници на специјалните служби почнуваат да пребаруваат простории и станови на дипломатски службеници, а кај оградата на Трговското претставништво е поставена лента“, пренесува Спутник.
Од руското министерство наведуваат дека наскоро ќе објават нови фотографии и видео сведоштва за, како што велат, „противправни дејствија на американските власти кои го нарушуваат меѓународното право и имотното законодавство со упад во руските дипломатски објекти“.
Властите на САД ја превзедоа контролата над зградата на руската трговска мисија во вашингтон, а шефот на таа мисија во престолнината на САД, Александар Стадник потврди дека, според зборовите на американски официјални лица, на зградата и бил укинат дипломатскиот имунитет.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави денеска за телевизијата „Русија 1“ дека американските разузнувачки агенции, при претресот во руските дипломатски претставништва, барале експлозив, пренесе ТАСС.
Русија смета дека ситуацијата околу нејзината трговска мисија во Вашингтон, во која влегоа претставници на американските власти, означува најочигледно кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година и дека претресот е без преседан.
„Ова се отворени непријателски акти кои во потполност се спротивни на меѓународното право“, наведува Леонид Слуцки, претседавачот со комитетот за надворешни работи на руската Државна дума и потенцира дека „Москва го задржува правото на чекори на реваншизам“.








