– Министерот за здравство Венко Филипче рано изутрината одржа состанок со директорите на интерните клиники, при што беше разгледана моменталната состојба со пополнетоста на ковид-центрите, состојбата на пациентите кои таму се лекуваат, расположливоста со медицински пероснал и можностите и потребата од проширување на капацитетите, соопшти Министерството за здравство.
На состанокот, како што се посочува, покрај координаторот на ковидцентрите на интерните клиники проф. д-р Дејан Докиќ, беа присутни и директорите на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, за уво, нос и грло и Кожната клиника.
Во моментов на интерните клиники има околу 20 слободни места, а се очекува да се направат и дополнителни исписи на оздравени пациенти. Во текот на утрешниот ден со работа ќе почне и ковид-центарот на Клиниката за очни болести, каде ќе можат да се сместат 33 пациенти, информираат од Министерството.
– Состојбата е сериозна и се соочуваме со силен бран на вирусот и голем наплив на болни. Наша цел е ниту еден пациент да не остане без лекарска грижа, а во исто време да не ја намалиме ниту редовната програма на клиниките за акутните и хрончните пациенти кои за тоа имаат потреба, изјави Филипче.







