Премиерот на Македонија, Зоран Заев, во средата на 22 декември поднесе оставка од функцијата, поради блокирање на евроинтеграциите на земјата како и поради лошите резултати на партијата на локалните избори во октомври, објави француското радио РФИ, пренесува МИА.
„Македонското собрание ја одобри оставката на социјалдемократскиот премиер“, е насловот на текстот објавен во престижниот весник „Фигаро“.
Неговата партија, СДСМ, според француските медиуми, сепак, се очекува да состави нова коалиција и да формира влада.
„Зоран Заев, кој беше премиер во демократската транзиција, ја напушта власта по нешто повеќе од четири години на чело на македонската влада. Тој беше водач на демонстрациите од 2015 година, кои го натераа неговиот претходник, автократот Никола Груевски, на фер избори кои го предизвикаа неговиот пад“, објаснува РФИ.







