Високиот функционер во францускиот Сенат, Беноа Кенеде, уапсен е под сомнение дека прибирал и доставувал исклучително чувствителни информации на Северна Кореја, јавуваат француските медиуми.
Кенеде во неделата го уапсиле припадници на Генералната дирекција за внатрешна безбедност, а канцеларијата му била пребарана вбо понеделникот, пренесува „Фигаро“ повикувајќи се на неименувани, добро информирани извори.
Францускиот функционер уапсен е, како што наведува францускиот весник, во рамки на истрагата која е отворена во март поради „прибирање и доставување на информации на странска сила, а кои можат да наштетат на суштинските интереси на земјата“.
Истражителите се обидуваат да утврдат дали Кенеде, инаку еден од администраторите во Управата за архитектура при Сенатот, навистина оддавал информации на режимот во Пјонгјанг, вели изворот близок на истрагата.
Француските медиуми истакнуваат дека осомничениот добро ја познава Северна Кореја и дека бил претседател на здружението посветено на пријателство меѓу Франција и Северна Кореја кое „промовирало разбирање и пријателство меѓу двата народа“.
Покрај тоа, Кенеде повеќе пати патувал во Северна Кореја, седум пати од 2005 година, како што сам навел на видеоснимка објавена на социјалните мрежи.







