На човекот кој го ископал телото на својата почината мајка, го однел дома, го мумифицирал и го ставил на креветот пред телевизорот, му се заканува затворска казна.
До грозоморното откритие дошло откако роднина на 76-годишниот маж му дошол на гости во неговиот дом во градот Радлин, на југозападот на Полска, пишува Дејли мејл.
Забележувајќи го како талка околу куќата и изгледа расеан, гостинот решил да повика брза помош.
Кога влегле во куќата, нашле мумифицирано тело како лежи на каучот на куп стари весници.
„Добивме пријава дека член на семејството на сопственикот на станот открил тело. Полицајците отишле во улицата ‘Рогожина’ во Радлин. Во дел од куќата кој му припаѓа на постар маж откриен е мумифициран труп“, изјави портпаролката на полицијата, Малгоржата Кониарска.

Јоана Сморчевска од Канцеларијата на окружниот обвинител посочи дека според ДНК анализата, мумифицираното тело и припаѓа на мајката на Мариан Л., Јадвига Л., која починала во јануари 2010 година.
„Утврдено е дека гробот на Јадвига Л. во кој таа е погребана на 16 јануари 2010 година се уште празен.
Веројатно мажот веднаш по погребот го ископал телото на мајката, а потоа го мумифицирал. Телото е во оваа куќа од 2010 година“, истакна Сморчевска.
Се претпоставува дека Мариан Л., кој живее на само 300 метри од гробиштата, можеби го однел трупот дома со велосипед.
Шефот на Канцеларијата на окружното обвинителство, Марцин Фелстињски, додаде:
„Сè укажува на тоа дека човекот користел некои хемикалии за мумифицирање на трупот. Во станот забележлив беше мирис на нафталин.“
Телото, велат истражителите, било во „совршена состојба“. Иако до ужасното откритие било дојдено уште во февруари, веста беше објавена дури сега, откако осомничениот е обвинет за сквернавење на трупот.
Ожалостен син кој 13 години го чувал мумифицираниот труп на својата мртва мајка на софата, локално бил познат како „Вампир“. Тој, наводно, седел и разговарал со неа, па дури и ја хранел додека заедно гледале телевизија.
Според пишувањето на локалните медиуми, Мариан Л. бил „самец“, кому соседите не му го знаеле ниту името.
Еден од нив рекол: „Секогаш навечер излегуваше од дома, го земаше својот велосипед и одеше некаде, во непознато“.
Друг, пак, за „соседот“ вели: „Тука, во Радлин, сите се познаваат, но за него никој ништо не знае, освен само тоа дека ноќта ја третирал како ден. Излегуваше навечер, се качуваше на велосипед и го снемуваше. И, така, ми изгледа, цел живот.“
Неговата мајка ќе биде повторно погребана.







