Четиринаесетгодишен инејџер денеска избоде тројца професори и еден ученик во средно училиште во град Херез де ла Фронтера, близу Кадиз, на југот на Шпанија, соопшти полицијата.
„Еден од професорите ќе биде опериран, додека другите три жртви се здобиле со полесни повреди“, изјави извор од здравствените служби на Андалузија.
Полицијата соопшти дека напаѓачот брзо бил лоциран и приведен во полициската станица каде останува во притвор до комплетирање на пријавата од Обвинителството за малолетници.
Засега не се познати причините за нападот.

Настанот се случи во училиштето „Елена Гарсија Армада“, во населбата Сан Хозе Обреро.
Тоа е неодамна создаден училишен центар, стар едвај три-четири години.
Во ова училиште учеле ученици од семејства со високо социоекономско ниво и не се смета за проблематичен центар.
Телевизиската станица „Канал СУР“ објави видео од родителите кои се собираат пред училиштето.
Мајката на еден ученик изјавила за телевизијата дека напаѓачот извадил два големи ножа од чантата во училницата и ги нападнал своите соученици и професори околу 8.15 часот, велејќи им дека ќе ги убие.
Осомничениот отишол „многу лут“ до задниот дел од училницата, каде му бил ранецот и од него зел „ножеви“, според тоа што еден негов соученик од класот изјави за ЕФЕ.
„Потоа почна да се заканува кон сите, дека ќе не убие, дури и на професорот, кого го удри во око. Со ножот прободе наш другар во подлактицата, а професорите по физика и хемија во главите“, објасни тој.
Овој малолетник изјавил дека агресорот „не е проблематично момче, но секогаш бил сам, и дека мисли оти го изгубил умот“.
(Фото: „Периодико“ и МВР на Шпанија)







