„Брилијантните Мбапе, Гризман и Погба, со асистенција на аргентинскиот судија и ВАР ја оставија Хрватска во предворјето на рајот“. Ова е само еден од насловите кој по завршетокот на финалето на Светското првенство, во кое Французите ги победија „коцкастите“ (4:2), се појавија во хрватските медиуми.
После поразот, интернет порталите и телевизиите се посветија на анализа на натпреварот, а остри замерки му упатија на главниот судија, Аргентинецот Нестор Питана. Имено, според наводите во хрватските медиуми, нивната селекција во неколку наврати е оштетена во големото финале, а грешките на аргентинскиот судија, велат, беа одлучувачки за Франција.
Тие не пропуштија прилика да ги истакнат изјавите на познатите фудбалери кои во финалето ја поддржуваа Хрватска, а меѓу оние кои сметаат дека погрешните одлуки на арбитерот потполно го смениле текот на натпреварот беше и Алан Ширер.
„Хрватска играше одлично, не им дадоа на Французите простор за игра, а го загубија финалето поради слободниот удар кој не требаше да биде досуден и заради пеналот кој исто така не постоеше, смета Ширер, а пренесуваат хрватските медиуми.
Тие се повикуваат и на ставот на Рио Фердинанд кој на социјалните мрежи истакна дека „две лоши одлуки во потполност го свртеа натпреварот“, а одлуката на судијата да досуди пенал ја нарече „смешна“.
Во еден текст се наведува дека „не е спорно дека Гризман одглуми фаул“ пред досудениот слободен удар, после кој Франција поведе со 1:0. Хрватските медиуми, исто така, тврдат дека при нафрлувањето на топката која Гризман ја упати од прекинот, Погба бил во офсајд. Со самото тоа ни автоголот на Манџукиќ не бил регуларен.
За разлика од приговорите упатени кон судиите, Хрватите немаат замерки кога е во прашање играта на репрезентативците.
Тие се горди на своите фудбалери и ги повикуваат љубителите на фудбалот во што поголем број да ги дочекаат „хероите на нацијата“.