Хрватска лани собра 21 милијарда евра даноци, во однос на оданочувањето на богатството е на дното, а иако наплатата скокнала, падна уделот на даноците во БДП, пишува „Вечерњи лист“.
Минатата година државата собрала 20,87 милијарди евра или 157 милијарди куни даноци и придонеси. Во апсолутен износ, наплатата на даноците скокна за околу 12 отсто (за 2,3 милијарди евра во однос на 2020 година), но и покрај тоа зголемување, даночното оптоварување, мерено како учество во БДП, се намали за еден процентен поен, на 35,8 отсто од БДП.
Така, Хрватска се најде на второто место во мала петчлена група земји во кои даночното оптоварување падна во текот на 2021 година.
На релативниот пад на учеството најмногу влијаеше силното закрепнување на економијата и големиот скок на БДП минатата година.
Во плановите што неодамна ги претстави Министерството за финансии, се планира дополнително мало намалување на даночното оптоварување, мерено како дел од БДП. Тоа, инаку, може да биде последица на даночни олеснувања или, пак, раст на економијата.
На ниво на ЕУ, просечното даночно оптоварување се движеше околу 41 отсто од БДП, така што Хрватска ќе биде во долната третина од земјите со полесен даночен товар, во друштво со Чешка и Унгарија.
Најмалиот даночен товар, мерен според учеството во БДП, од само 22 отсто има Ирска, која со своите 5 милиони жители од даноци и придонеси инкасира огромни 75 милијарди евра.
Половина помалата Словенија собира 20,1 милијарди евра, речиси колку и Хрватска, а Словачка 35 милијарди евра.
Структурата на даночните приходи во 2021 година уште еднаш покажува дека Хрватска најмногу се фокусирала на даноците на потрошувачка, пред се на ДДВ, додека учеството на приходите од даноците на богатство и доход е само 5,6 отсто од БДП.
Во ЕУ, од оданочувањето на богатството и доходот, се собираат меѓу 13 и 14 проценти од БДП. Веднаш до Хрватска се Бугарите со удел од 6,3 отсто, Чешка има 7,7 отсто, Словенија и Словачка околу 8 отсто, а Германија 13,5 отсто од данокот на богатство и доход во нејзиниот БДП.
Повеќе од Хрватска потрошувачката ја оданочуваат само Швеѓаните, додека во однос на учеството на приходите од социјалните придонеси Хрватите се во средина (11 отсто).
Словенците или Германците, на пример, собираат околу 17 отсто од БДП преку социјалните придонеси, пишува „Вечерњи лист“.







