Милиони луѓе се на раб на глад во четири држави поради економските последици од Ковид-19, а меѓу нив најпогодени ќе бидат жените и девојчињата затоа што јадат последни и најмалку поради културните обрасци, предупреди хуманитарна организација Кеар (Care).
Пандемијата на коронавирусот може да го удвои бројот на луѓе со тежок пристап до храна до 270 милиони до крајот на 2020 година, соопшти ОН.
Гладот особено се заканува во делови на Јемен, Јужен Судан, Буркина Фасо и Нигерија.
-Можно е милиони жени и девојки ширум светот веќе да гладуваат. Она што го знаеме за безбедноста на храната и кои се тие што гладуваат, сугерира дека жените и девојчињата се најмногу изложени на ризик затоа што јадат последни и најмалку, изјави Сара Фурман, експерт за хуманитарна политика во CARE.
Пандемијата ги уништи економиите, а Светска банка минатиот месец објави дека предвидува екстремна сиромаштија за првпат по 20 години.
Милиони луѓе, исто така, се борат со последици од конфликти и климатските промени. Според Светската програма за храна (СФО), секој деветти човек нема доволно да јаде.
Жените и девојчињата среде пандемијата се изложени на двојно оптоварување: први губат работа и едвај успеваат да придонесат за домаќинството, а социјалните норми налагаат тие прво да ги нахранат мажите и момчињата, предупредува CARE.
ОН вчера соопшти дека ќе одвои 80 милиони долари за спречување на глад во Авганистан, Буркина Фасо, Конго, Нигерија, Јужен Судан и Јемен и дополнителни 20 милиони долари за Етиопија погодена од тешката суша.