На неполни 20-ина дена до почетокот на 2024 година, кога европските метрополи блескаат накитени и осветлени, и дел од градовите низ државата, Скопје тоне во сивило. Новогодишната атмосфера воопшто нема.
Од Град Скопје велат дека деновиве ќе се кителе булеварите, градскиот плоштад и централното градско подрачје.
Градоначалничката Данела Арсовска, по многуте коментари на социјалните мрежи дека во градот нема ништо што потсетува на Нова Година, вети дека „главниот град ќе блесне со новогодишна магија на 15-ти декември“. Не објасни каде сѐ ќе се украсува и дали се планира некаква програма во пресрет на празниците, туку само истакна дека не е се така како што „врескале“ партиските војници. И сето тоа го кажа онака како што тоа досега го правеше, на Фејсбук.
„За загрижените да информираме дека Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки. Некој треба да одговори како трошел по фирмички годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните што завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра“, напиша Арсовска.

И додека го чекаме петок кога според ветувањата на градоначалничката Скопје ќе засвети, во Општина Центар веќе ја украси својата територија. На повеќе локации се поставија новогодишни елки, светлосни фигури, ЛЕД-светилки и други новогодишни украси. Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека граѓаните заслужуваат да уживаат во предновогодишната атмосфера.

На Сквер Јадран поставена е новогодишна елка висока 9 метри, а просторот е украсен со светлосна мрежа од ЛЕД-светилки и светлечки фигури. Иста таква елка има и на „Боемска 1“ и „Боемска 2“, а улиците се украсени со мрежи од сијалички во облик на ѕвездено небо. Ѕвездено небо и украсни фигури се поставени и долж улиците Орце Николов и Михаил Цоков, а украсен е и плоштадот пред Општината.
Елки има и на улицата „Народен Фронт“, на Сквер Капиштец и во паркот „Капиштец“.

Од општината истакнуваат дека подготвуваат и предновогодишна програма. Во периодот од 13 до 27 декември, во „Рамстор мол“ ќе се одржат повеќе интересни настани, ликовни изложби, настап на хорот „Златно славејче“ и новогодишни базари на кои ќе учествуваат основните училишта и градинките од Центар. Централната новогодишна забава е планирана за вечерта на 28 декември на „Боемска“.
Од другите скопски општини нема информација дали ќе има и кога ќе почне новогодишното украсување. Таму, се чини, не доаѓаат новогодишните и божикните празници.
(Фото: Општина Центар)







